Мицкоски – Не знам кој го вози Груевски во Будимпешта
Ниту знам кое е возилото, ниту знам кој е возачот на поранешниот премиер Никола Груевски во Будимпешта, рече денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања. По доделување на наградите на најдобрите 100 компании од Стопанската комора на северозападна Македонија, Мицкоски ги упати новинарите директно да го прашаат Груевски во врска со неговата логистика во Будимпешта, користењето возило со личен шофер и посетувањето елитни ресторани. Тој рече дека досега немал никаква комуникација, ниту пак има сознанија дека некој од партијата се сретнал со Груевски.
Тој ја оцени вчерашната снимка на унгарските медиуми од Груевски како руча во ресторан во Будимпешта како реално шоу.
„Да се фокусираме на решавање на реалните проблеми на граѓаните и да гледаме државата да оди напред, наместо да го коментираме ова реално шоу и воајерски клипови. Тоа ниту ќе даде вредност на квалитетот на животот, ниту ќе направи нешто добро за државата“, рече Мицкоски.
На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи Законот за амнестија, Мицкоски го повтори ставот дека „партијата ќе застане зад секое решение што ќе значи решение за лицата кои се под политички прогон на оваа влада“.