Турција е подготвена за новата офанзива во Сирија
Турската Армија ги заврши подготовките за воената операција против силите на сириските Курди во областите источно од реката Еуфрат во северна Сирија, што вчера ја најави претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган. Како што јави телевизијата НТВ, топови и тенкови на Армијата со камиони денеска биле префрлени во реонот на градот Килис, кој се наоѓа на границата меѓу Турција и Сирија. Во градот биле прераспоредени и припадници на турските Вооружени сили од дриги реони на земјата. Ердоган вчера најави дека Турција „во следните неколку дена“ ќе започне нова воена операција во северна Сирија, во областите источно од Еуфрат. Според Ердоган, ваквиот потег на Анкара „ќе овозможи трасирање на патот за политичко решение и за поздрава соработка“. Аналитичарите проценуваат дека новата офанзива на турската Армија против борците на сириските Курди, кои се поддржани од САД, би можела да доведе до нови тензии во односите меѓу Анкара и Вашингтон, кои и онака имаат несогласување во врска со позицијата на Силите за заштита на народот.