Мигрантите нема да заминат од Диавата и од Атина, тврди грчката министерка Геровасили
Министерката за цивилна заштита на Грција, Олга Геровасили, изјавила дека на бегалците и мигрантите од прифатниот камп Диавата нема да им биде дозволено да заминат од таму, како ниту на оние од железничката станица во Атина да заминат за Солун.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Геровасили, во интервју за грчкото радио „Њуз247“, додадла дека според нејзините информации лажната вест дека ќе биде отворена границата и балканската бегалски рута, преку социјалните мрежи ја прошириле криумчарите на луѓе.
Според Геровасили, имало обид за масовно поттикнување на бегалците и мигрантите, при што некои „продавајќи им лажна надеж се обиделе да извлечат пари“.
Денеска овие мигранти во неколку наврати се судриле со полицијата, која ги одвратила од намерата да заминат кон границата со Северна Македонија и оттаму кон западна Европа.