Амнестијата за 27 април в среда пред Уставен
Уставниот суд в среда на седница ќе ја разгледува иницијативата за уставноста и законитоста на членот 1 и членот 2 од Законот за амнестија. Со иницијативата се бара да се разгледа уставноста и законитоста на овие два члена од Законот за амнестија врз основа на кои беа амнестирани лица инволвирани во насилството во Собранието на 27 април 2017 година.
Меѓу амнестираните за „крвавиот четврток“ беа и петмината пратеници Крсто Мукоски, Сашо Василески, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов и водачите на протестите на „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски, кои беа обвинети дека со своите говори ги повикале граѓаните да влезат во законодавниот дом.
Судот во Скопје изрече казна во времетраење од вкупно 211 години на 16 обвинетите за упадот во Собранието на 27 април 2017 години за загрозување на уставниот поредок и безбедноста.