Гроси и официјално прв човек на МААЕ
Аргентинскиот дипломат Рафаел Гроси положи заклетва како нов генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), во услови на растечки тензии околу иранската нуклеарна програма.
Членките на Агенцијата со седиште во Виена, која е под капата на ОН, му дадоа четиригодишен мандат на 58-годишниот Гроси. Тој доаѓа на местото на досегашниот директор Јукија Амано, кој почина за време на неговиот трет мандат во јули годинава.
САД минатата година се повлекоа од нуклеарниот договор меѓу светските сили и Иран од 2015 година кој предвидуваше олеснување на санкциите врз Иран во замена за ограничување на неговата нуклеарна програма. Меѓународната агенција за атомска енергија го набљудуваше спроведувањето на договорот од иранска страна. По повлекувањето на САД, Техеран повторно почна постепено да се откажува од своите обврски.