Порфириј- спорот меѓу МПЦ и СПЦ треба да се решава на релација Скопје-Белград
Во божиќното интервју за „Политика“, Порфириј оценува дека никој друг од страна не може да има поголемо разбирање за проблемот, како што наведува, „од нас самите кои со векови на овие широки балкански простори заедно се вградувавме во Црквата Христова, без никакви меѓусебни недоразбирања“.
Порфириј: Важно е да се надмине расколот со Македонската црква
За упатеноста прашањата да се решаваат меѓу Белград и Скопје, според него, „е дефинирано и со томосот со кој цариградскиот патријарх во 1922 година потврдил дека епархиите во денешна Северна Македонија припаѓаат на Српската патријаршија“. Посочува дека Светиот архиерејски синод на СПЦ на последната седница, „имајќи ги предвид различните можности што ги даваат светите канони и принципите на црковната икономија, одлучи повторно да ги повика епископите кои се одвоија од Пеќката патријаршија заедно со братски, стрплив дијалог да се најде благословено решение“.
Порфириј изразува задоволство и од тоа што автономната од СПЦ, ПОА придонесувала „за согледување на начелата и можностите на црковната икономија за решавање на проблемот со расколите во овие епархии“.
Г. Петар: Порфириј не држи до српството по секоја цена
Повик за возобновување на дијалот со МПЦ, пред неколку дена упати и епископот бачки Иринеј, кој е духовен отец и еден од најблиските сoработници на патријархот Порфириј.
Пораките од Белград доаѓаат по неодамнешниот прием на епископот антаниски и игумен на Бигорскиот манастир г. Партениј во придружба на монаси и монахињи кај вселенскиот патријарх Вартоломеј, што од претставници на Фанар беше оценето како голем чекор на Вселенската патријаршија за решавање на црковното прашање и признавање на МПЦ-ОА.
Приемот на епископот Партениј кај вселенскиот патријарх Вартоломеј следуваше по посетата на Атина каде што присуствуваше на вечерна служба и на Божествена Литургија во црквата „Св. Пантелејмон“, најголемиот храм во грчката престолнина, како и на Меѓународниот фестивал на православна црковна музика, со благослов на архиепископот на Атина и на цела Грција г.г. Јероним.
СПЦ е во повеќедецениски спор со МПЦ-ОА, оспорувајќи ја нејзината афтокефалност. Разговорите што повремено се водат не доведоа до позитивен исход, поради што МПЦ-ОА за решавање на својот статус се обрати до Фанар и вселенскиот патријарх Вартоломеј.