Нов земјотрес од 4,5 степени меѓу Битола и Лерин
Земјотрес со локална Рихтерова магнитуда од 4,5 степени регистрираше Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје попладнево во 16.14 часот во Грција.
Освен вознемиреност кај населението, земјотресите не предизвикаа поголеми материјални штети
Епицентарот на земјотресот е во пограничното подрачје Битола – Лерин, на 120 километри јужно од Скопје.
„Според досегашните податоци, земјотресот е најсилно почувствуван во градот Битола и околината со интензитет од V степени според Европската макросеизмичка скала“, соопшти Опсерваторијата.
Пред два дена во близина на македонско-грчката граница меѓу Битола и Лерин беше регистриран земјотрес со интензитет од 5,3 степени според Рихтерoвата скала.