Косовските пратеници потрошиле над 100 илјади евра за патни трошоци
Пратениците во Собранието на Косово лани зеле надоместоци од над 100 илјади евра за патни трошоци за учество на пленарните и на седниците на собраниските комисии, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според податоците што денеска ги објави Собранието, прв на списокот на корисници на надоместокот е пратеникот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), Паљ Лекај, со 2.790 евра, само 60 евра помалку искористила Дуда Баље, пратеничка на партијата на косовските Бошњаци, Социјалдемократска унија, која е дел од владејачката коалиција, а трета, со 2.430 евра, е Илза Хоти, пратеничка на партијата на премиерот Албин Курти, Движење Самоопределување (ВВ).
Минатата недела во косовските медиуми се појави информација за високите патни трошоци на народните избраници, што предизвика бројни реакции во јавноста. При тоа се наведува дека има пратеници кои фиктивно го смениле живеалиштето од Приштина во други косовски градови, со цел да ги користат тие средства.
Косовската борба против копачите на криптовалути поради енергетската криза
Многу граѓани преку социјалните мрежи ги повикуваат пратениците, за кои се вели дека имаат плати од над 2.000 евра, да користат јавен превоз, да доаѓаат на седници со велосипеди, или да си го плаќаат горивото од сопствениот џеб.
По објавувањето на овие информации, владејачката ВВ на премиерот Курти излезе со соопштение дека нејзините пратеници, кои во овој состав се најбројни меѓу корисниците на надоместок за учество на седници, се откажуваат од тие патни трошоци.
Косовското Собрание има 120 пратеници.