Фон дер Лајен ја коригираше својата портпаролка: Нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик
Нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик. Ние целосно го почитуваме тоа, објави денеска на Твитер претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, откако претходно портпаролката на Европската комисија, Дана Спинант одби да даде прецизен одговор дали Европската Унија го признава македонскиот јазик.
Одговарајќи на новинарско прашање портпаролката рече дека вчера претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен говорела за „јазикот што го користат луѓето во Северна Македонија“.
„Изјавата на претседателката значи тоа што значи. Таа зборува за јазикот користен од луѓето во Северна Македонија, што таа го нарекува македонски јазик“, рече Спинант.
Заедно со пораката, Фон дер Лајен го ретвитна и делот од своето вчерашно обраќање во Скопје, каде пред пратениците во Собранието порача „Иднината на вашата земја е во Европската Унија, а Европа не е цела без Северна Македонија. Ве сакаме во ЕУ! Ви благодарам“.
Македонскиот јазик е ваш, историјата не е услов за преговорите - порача Фон дер Лајен во Собранието
Ставот на портпаролката Спинант предизвика реакции и од македонската Влада.
Националниот координатор за Отворен Балкан и регионални иницијатива, Марјан Забрчанец, порача дека овој гаф предизвикува вознемиреност кај македонскиот народ и побара корекција.