Бектеши со повик до БЕГ да испрати нови августовски сметки за парно
БЕГ да испрати нови сметки за парното греење, порача министерот за економија Крешник Бектеши, откако граѓаните сметките за август ги добија малку порано и тоа зголемени за 40%, наместо 15 отсто.
Од БЕГ велат дека тоа се случило бидејќи нова одлука за владини субвенции нема од крајот на април, како и дека не им биле исплатени парите ниту за претходните месеци.
БЕГ тврдат дека уште не ги добиле субвенциите за парното, а сметките се високи поради истечена одлука
Министерот Бектеши, денеска изјави дека субвенциите остануваат, а на БЕГ ќе им бидат исплатени откако ќе ги расчистат сметките со ЕСМ.
„Со топлинска енергија иако е БЕГ, ние сме влезени преку ЕСМ за менаџирање. Тие како БЕГ имаат обврска кон ЕСМ и предвидено е со завршна сметка за оваа година, наредната да има порамнување. БЕГ должи средства на ЕСМ и кога ќе ги порамни ќе ги добие овие субвенции,“ изјави денеска Бектеши.
Скопјани добија превисоки сметки за парно од БЕГ, РКЕ бара нивно сторнирање
Вчера и од РКЕ побараа БЕГ да ги сторнира сметките, а пак оние граѓани кои веќе ја платиле фактурата парите да им бидат одбиени во наредните месеци.
Снабдувањето со топлинска енергија од следната грејна сезона треба да го преземе веќе друга компанија, откако БЕГ остана без сите лиценци. Владата преку јавен повик веќе е во процес за избор на нов снабдувач. ЕСМ е најголем претендент да ја преземе функцијата, за тоа оформи и три претпријатија. Јавното отворање на понудите ќе се одржи следната недела, на 7-ми септември.