Експлозија од гас во станбен блок во близина на Москва, шестмина загинати
![Експлозија од гас во станбен блок во близина на Москва, шестмина загинати](https://gdb.rferl.org/f3bb3986-a87e-4e99-a715-41c7bd912152_w800_h450.jpg)
Загинаа шест лица, меѓу кои три деца, а петмина се повредени откако при експлозија предизвикана од истекување на гас беа уништени два горни нивоа на петкатница во градот Ступино, јужно од Москва.
Московската регионална дирекција на Министерството за вонредни состојби првично соопшти дека во експлозијата која се случила денеска загинале две лица, меѓу кои и едно 12-годишно девојче. Во соопштението се додава дека поради експлозијата биле евакуирани 60 лица, меѓу кои 10 деца.
Дирекцијата неколку часа подоцна соопшти дека спасувачките тимови од урнатините извлекле уште четири тела.
Регионалниот гувернер на Москва, Андреј Воробјов, рече дека реставрацијата на оштетената зграда може да потрае до осум месеци доколку експертите проценат дека е можно да се поправи. Ако не, ќе биде урната.
Експлозиите од гас во Русија се случуваат со одредена фреквенција главно поради застарени цевководи и инфраструктура, како и поради слабите безбедносни стандарди.